Сакаш да спортуваш? Немаш со кого? Немаш мотив за спортување?Мислиш дека немаш време за спорт?
=>WWW.KOKAN.COM.MK<=
Твојата мотивација
16.12.2009.
Не бев спиен доволно. Немав јадено како што сакав. Денот не ми тргна баш најдобро. Врнеше и беше ладно. Веројатно и тоа придонесе во мојата одлука да не спортувам тој ден. Не бев среќен дека веќе се откажав од денешниот тренинг. Одлучив дека нема да правам нешто посебно.
Тогаш се слушнав со добриот другар. Тој ми кажа дека веќе трчал по дождот, сега одмара, а подоцна ќе го прави и својот втор тренинг. Обично не дозволувам надворешните услови да влијаат на моите планови во спортот, затоа што знам дека волјата и упорноста веќе долго време ми се на високо ниво. Значи, за него не беше проблем времето, а за мене испадна дека тоа е и главниот фактор за одлуката да не трчам тој ден. Ете тоа беше она што ми фалеше тој ден. Мотивацијата ми затаи, но после разговорот со добриот другар, како веќе да бев друг човек. Вистинскиот јас!
Почна да врне уште повеќе. Но, тоа веќе не беше никаков проблем. Набрзина ја облеков облеката за спортување и излегов да трчам. Инспириран од вистинскиот спортист, направив супер тренинг. Во ниту еден момент не дозволив лошото време да влијае на мојот тренинг, ниту пак на моето расположение.Напротив, како изминуваше тренингот станував се посреќен и посреќен.
На крај од денот, уште еднаш си спомнав колку добар тренинг направив тој ден!
Двајцата пријатели се немаа видено многу години. Порано се
дружеа многу и беа блиски пријатели. Но, како одминуваше времето, тие се помалку
контактираа и речиси заборавија еден на друг.
Утро беше. Доцна есен. Во паркот немаше многу луѓе. Само
некои што ги шетаа своите кучиња и некои ентузијасти што се трудеа да направат
нешто паметно за себе и своето здравје.Двајцата пријатели се сретнаа пак.
Едниот пријател спортуваше, поточно трчаше тоа утро, а другиот се враќаше од
пазар, натоварен со многу кеси. Си направија краток воведен муабет колку било
убаво што пак се сретнале и дека пак треба да се видат. На крај од краткиот
разговор едниот му кажа на другиот:
-Лесно ти е тебе. Немаш многу обврски како мене и имаш
време дури и да спортуваш.
На тоа, спортистот му одговори:
-Ти немаше време порано, а немаш ни сега. Ти беше ваков
и пред твоите 'обврски'.
Спортистот продолжи да трча, а зафатениот остана збунет во својата презафатеност и обврски.
Уште пола саат трчање. Уште малку остана. Уште само 7 кривини. Уште неколкумина да ги престигнам. Само уште да му побегнам на овој што ми дише во врат. Само уште овој километар и ќе биде полесно. Уште малку да го издржам ова темпо, па ќе биде полесно. Уште малку да му направам разлика на овој фраеров. Уште големата шума ми остана. Уште да ја искачам последната нагорнина. Уште само малку до целта. Уште малку да издржам и ќе бидам многу среќен. Уште да успеам да го стигнам, па да го престигнам и ќе бидам најсреќен. Уште само малку и ќе ми се исплати целиот труд кој го вложив.Уште само малку и сите ќе ги забележат резултатите од моите напорни тренинзи.
Уште само малку и другите ќе посакаат да се посветат на спортот и неговите убавини!
Уште оваа трка. Уште само оваа и наредната трка...и таа по неа...
Магла е. Не се гледа на далеку. Се гледа неколку десетици метри. Ништо повеќе. Се вртиш позади тебе, исто е. Лево, десно....насекаде магла.
Магла пред тебе, магла позади тебе, магла лево, магла и десно! Дури и горе. Насекаде гледаш само магла. Бела, сива, комбинација меѓу нив. Не е баш пријатна ако не си трчал претходно и немаш искуство поврзано со спортот.
Почетокот во спортот е магла. Не можеш веднаш да ги забележиш убавините на спортувањето. На стартот ќе ти биде тешко, ќе имаш предрасуди, нема лесно да ја совладаш промената во твојот живот и изборот спортот да ти биде секојдневие, твој начин на живот. На стартот ќе можеш да ја видиш само маглата која што ќе те опкружува. Но, тоа ќе биде само старт и почеток.
Денес прв пат трчав низ магла. Интересно беше. Интересното беше во тоа што не беше интересно! Но, јас не сум на почетокот од спортувањето. Јас сум таму далеку после маглата. Таму Сонце грее и има чист и свеж воздуx.
... тој веќе беше подготвен. Целосно се посвети за најтешкиот дел од целата сезона. Знаеше што сака, колку може и колку ќе очекува. Едноставно, знаеше дека е најдобар во тоа што го прави.
Сезоната за многумина беше завршена,но тој знаеше дека сезоната никогаш не завршила, ниту пак ќе заврши.
Утро е. 5 степени. Не е баш погодено времето за да се истрча најдобро време во оваа година. Можеби така размислуваат другите, но не и тој. Во тоа е и разликата! Целта е остварена. Постигнато е времето достојно за почит. Резултатите од напорната работа пристигнаа и нема да те одбегнат. Твое е само да се посветиш правилно и да тренираш.
Можеби се изненади од твојот успех?
Ништо не е случајно. Се што е твое, ќе си дојде!
Сега треба само да продолжиш со тоа што го започна многу одамна. Продолжи и никогаш не престанувај. Уживај во своите достигнувања!