Сакаш да спортуваш? Немаш со кого? Немаш мотив за спортување?Мислиш дека немаш време за спорт?
=>WWW.KOKAN.COM.MK<=
Се вратив,тука сум
30.04.2010.
Трчав. Не паметам ден кога не излегов, не ги облеков моите патики и не заминав на трчање. Станував и рано во зората, кога сите спиеја или го пиеја своето утринско кафе, а јас во тоа време трчав. Трчав во сабота наутро, без разлика што сум заглавил до доцна во минатата ноќ, станував рано и во недела, иако тој ден ми е работен. Тоа воопшто не ми беше проблем. Ниту во сон не помислував да се откажам од трчањето. Не се ни откажав, туку само одморав и тоа не по моја воља. Болката беше неподнослива, и морав да мирувам. Збеснав, не знаев што да правам со себе. Возење точак? Не е ист адреналинот, можеби до некаде само качувањето на Водно можеше да ја замени мојата опсесија. По 25 долги денови, се вратив. Среќен сум што можам повторно да трчам. Овој пат посилен, поподготвен од кога и да било. Трчањето на полумаратон ќе го пролонгирам за некои подобри времиња. Речиси еден месец пауза не е за потценување, па за да не дојде до нешто посериозно, мојата желба ќе се обидам да ја остварам некој нареден период. Она што е најважно, сега нема повеќе пречки до остварувањето на мојата цел. Пливам кон брегот...
Кога бев мал ме учеа дека треба да јадам здрава храна. Тоа и го правев и уште го правам. Кога бев мал ме учеа дека убаво е да се спортува за да имаме подобро здравје. Затоа почнав да спортувам и уште го правам тоа. Кога бев мал ме учеа дека треба да ги избегнувам пороците како: цигари, алкохол, дрога. Повторно бев послушен, а и уште сум.
Наградата што ја добив беше оваа:
- речиси никогаш не ме боли главата;
- секогаш имам енергија и позитивен став кон работите;
- никогаш не сум имал проблем со контрола на телесната тежина;
- здравјето ме служи одлично;
- речиси никогаш не се разболувам, ниту пак настинувам;
- одличната физичка состојба придонесува за поголема самодоверба и уживање во сопственото тело;
Пред повеќе од десетина години си купив точак. Многу сакав да го возам, затоа што за релативно кратко време можев да отидам некаде далеку и брзо да се вратам. Особено бев среќен дека со точакот можев да си направам супер тренинг и да се искачам на планина. Уживав во природата на планината, дишев чист воздух и бев пресреќен дека не сум сам во тоа што го правам. Многу ми значеше и тоа дека за точно 1 час успевав од дома да стигнам до Средно Водно и да се вратам пак дома. Значи, за 1 саат, успеваш да избегаш од загадениот град, да спортуваш и да се релаксираш во планината и пак да се вратиш дома. За 1 саат успеваш да заборавиш на бучавата и немирниот град, да уживаш во убавините на планината и пак да имаш многу слободно време. Одлично спортски исполнет 1 саат!
Ете баш затоа, многу сакав и сакам да возам точак!
Вчера бев да трчам. Трчав накај планината. Ја пуштив стоперката на саатот за да видам за колку време ќе стигнам до Средно Водно и ќе се вратам до дома.
Ладно беше. Некогаш беше и многу ладно. Толку беше ладно, што не ни помислуваш да излезеш надвор. Убаво е да си седиш дома на топло. Да, убаво е. Но, таа убавина е моментална.
А ти треба да излезеш надвор и да го направиш својот тренинг. Ти одлучуваш што е подобро, да останеш дома и да ти биде убаво (моментално) или малку да се помачиш за пак да ти биде убаво (постојано).
Сега.
Топло е. Некогаш знае да биде многу топло. Толку е топло, што не ни помислуваш да излезеш надвор. Убаво е да си седиш дома на ладно. Да, убаво е. Но, таа убавина е моментална.
А ти треба да излезеш надвор и да го направиш својот тренинг. Ти одлучуваш што е подобро, да останеш дома и да ти биде убаво (моментално) или малку да се помачиш за пак да ти биде убаво (постојано).