Сакаш да спортуваш? Немаш со кого? Немаш мотив за спортување?Мислиш дека немаш време за спорт?
=>WWW.KOKAN.COM.MK<=
Спортот живот значи
3.08.2010.
Спортуваше кога беше мал. Во основно и средно школо, највеќе се истакнуваше на спортски план. Кога се запиша на факултет, никако не заборави на спортот. Почна и да работи, а спортот беше секогаш во неговото срце и никогаш не помислуваше да се откаже или да престане да спортува!
Спортуваше секогаш, каде и да е! Спортуваше дома. Вежбаше во теретана. Играше баскет и фудбал кај ќе стигне. Се качуваше и на планина, а неодамна почна и да плива! Почна да трча, па и на тоа поле постигна завидни резултати...
Спортуваше кога одеше на екскурзија и кога шеташе низ светот. Спортуваше на најразлични места и никогаш не го запостави спортот. Жртвуваше други работи, но никако спортот!
Спортуваше насекаде, на многу невообичаени места! Никогаш не го забораваше спортот,а и својот вистински другар и секогаш праќаше искрени спортски поздрави!
Ти сакаш да вежбаш, но немаш пари да одиш во фитнес клуб. Ти сакаш да вежбаш, но мислиш дека ќе ти биде досадно ако вежбаш во домашни услови.
Кога си дома, можеш да правиш вежби од типот на стомачни, склекови, клекнувања, разни видови на истегнувања, пилатес, аеробик, а доколку имаш, можеш да вежбаш и со тегови.Секоја активност си има свои позитивни и негативни страни. Еве неколку позитивни, зошто да си спортуваш дома:
- можеш да вежбаш и да си ја слушаш својата омилена музика, да гледаш ТВ, да сурфаш на интернет;
- можеш да вежбаш и да си ја средуваш својата соба;
- можеш да вежбаш кога ќе посакаш и колку ќе посакаш;
- не зависиш од надворешните услови;
- колку повеќе вежбаш дома, толку повеќе знаеш дека можеш да вежбаш во било кои услови;
- заштедуваш пари, а пак го зајакнуваш својот имунитет и го подобруваш своето здравје.
И тогаш конечно ќе се решиш да го направиш тоа. Ќе пробаш да видиш како ќе ти биде. Најважно е да сакаш и да пробаш да го направиш. Ако мислиш дека тоа ќе биде добро за тебе, најубаво е да продолжиш да го правиш без оглед на тоа што ќе зборуваат другите за тоа. На почетокот можеби ќе ти биде тешко и ќе сакаш да се откажеш, но најважно е да издржиш во својата идеја, а твојата упорност што ја имаш и посветеноста што ќе ја вложиш, сигурно дека ќе придонесе за поубава иднина за тебе.
Беше доцна зима, или рана пролет. Не ми текнува баш најдобро. Тогаш за прв пат пробав да трчам пред да одам на работа. Трчав така неколку пати. Не ми беше тешко, но не мислев дека ќе можам континуирано да го правам тоа. Почнував со трчање од 6 часот наутро, а завршував во 7 ч. Во 8 ч веќе бев на работа. Значи, својот тренинг го завршував уште пред да ми започнат работните обврски. Со тоа имам повеќе слободно време кога ќе се вратам од работа.
Денес трчав пак пред да одам на работа. И така веќе трет ден по ред. Тоа веќе не ми е чудно, ниту пак ми претставува некој проблем. Баш напротив, задоволство ми е и мислам дека открив ново убаво спортско доживување.
Нишкиот полумаратон беше еден месец после полумаратонот во Скопје. Тоа најверојатно беше и мојот последен полумаратон за првата полусезона од 2010 година. Ако за полумаратонот на мојот домашен и добро познат терен се подготвував најдобро што можев и својата форма ја темпирав да го истрчам своето најдобро време пред домашната публика, во Ниш отидов без никаков притисок и без било какви очекувања за подобрување на сопственото најдобро време. Не секогаш работите излегуваат како што ги планираме и посакуваме. Убаво е кога добиваме повеќе од тоа што сме очекувале! Да, тоа може да се случи понекогаш и неочекувано, но никако не треба да се задоволиме со таквиот начин на размислување. Особено не во спортот, каде што за добар резултат неопходни се повеќе фактори.
За Нишкиот полумаратон не се подготвував ништо посебно. Дури и не знаев дека ќе одиме да трчаме во Ниш. Искуството на другите беше дека ова е досаден и лошо организиран полумаратон. Тоа беше само уште еден фактор кој предизвика да размислувам дека личниот рекорд ќе почека до есен. Но, сите можни услови за добар резултат се совпаднаа и успеав да постигнам време кое што воопшто не го очекував. 1 час 17 минути и 52 секунди. Надминав уште една граница. Знаев дека не е лесно да се истрча полумаратон во македонски услови на тренирање под границата од 1час и 20 минути и иако верував во сопствените можности ,уште не ми се верува дека истрчав полумаратон со просечно темпо по километар од 3 минути и 40 секунди.
Изненадувачки многу лесно и без никакви проблеми, кризи и грчеви ја истрчав оваа трка. Овој полумаратон го истрчав онака како што и посакувам да можам да го трчам секој нареден. Одлична тактика, добар ритам и силен финиш.
Скопски полумаратон мај 2010: сончево и многу топло,супер позната патека, одлична поддршка, мотивација на највисоко ниво, посакувана форма => резултат: 2 минути послабо од личниот рекорд.
Нишки полумаратон јуни 2010: за мене идеални временски услови,непозната патека, без поддршка, никаква посебна мотивација, не баш позната форма => резултат: 2 минути подобро од личниот рекорд.
Позади мене е уште еден полумаратон и уште едно големо искуство во трчањето на долги патеки. Побогат сум за уште една трка која ќе остане засекогаш дел од моите убави спомени. Уште едно ново спортско искуство кое по кој знае кој пат докажува дека спортот проследен со здравата исхрана и добрите луѓе го прават животот многу поубав во секоја смисла. Уште еден доказ дека никогаш нема да престанам да спортувам, а со тоа ќе бидам постојано среќен и исполнет со позитивна енергија.