|
14.02.2010. |
|
Патеката по која што трчаа... Тоа беше истата онаа патека по која што шетаа во градскиот парк. Истата патека по која се движеа многу луѓе во текот на денот. Но, рано наутро по патеката трчаа само тие. Немаше никој друг освен вистинските љубители на трчањето. Тоа беше една обична патека. Немаше ништо посебно. За останатите, немаше никакви дополнителни предизвици зошто да дојдеш и да трчаш таму. Таму не даваа награди, ниту пак имаше некои примамливи понуди. Но, така не мислеа и тие. Независно од временските услови, еднаш во неделата, рано наутро, додека другите спијат, тие веќе ја трчаа трката што многу им значи. И така еднаш седмично, без разлика дали е зима, пролет, лето или есен. Се собираа и трчаа. Трчаа и се тркаа, но пред се уживаа. Се бореа со своите можности, се бореа да го победат времето. Полека, но сигурно, трката прерасна во посебен утрински спортски ритуал кој што беше незаменлив за некои други активности. Како нешто посебно и магично да се случило додека трчаа по таа патека. Некогаш врнеше дожд, некогаш вееше снег или пак Сонцето силно печеше, но тие беа таму. Трчаа и ништо не можеше да ги запре за да не дојдат и да уживаат на патеката во паркот која што беше обична како и сите други патеки.
Обична за другите, но не и за нив!
     
K.A. = A.K. |